fbpx

ИСХРАНА ВО БРЕМЕНОСТА

ishrana-vo-bremenost

ИСХРАНА ВО БРЕМЕНОСТА

Искористете го богатството на сезонските намирници

 

Септември е период од годината кога на тезгите на пазарите се застапени многу разновидни плодови од природата кои обилуваат со бројни хранливи состојки.

 

Автор: Билјана Божовиќ

 

Исхраната во текот на бременоста одамна престана да биде под диктат на онаа старата, некогаш задолжителна, реченица: Мораш повеќе да јадеш затоа што сега јадеш за двајца! Иако е неспорен фактот дека енергетските потреби на организмот растат во текот на бременоста, тоа не значи дека трудницата треба неконтролирано да јаде сè што ќе ѝ дојде до рака и да добива на тежина повеќе од пропишаните вредности усогласени со нејзината телесна градба. Токму напротив, ова е период во кој е исклучително важно да се посветите на здравата и урамнотежена исхрана, затоа што немерлива здравствена корист од тоа имаат и мајката и бебето. Затоа од голема важност за идните мајки е да ги слушаат препораките од избраниот лекар.

 

Список на работи кои треба да се заборават додека сте бремени

За почеток, употребата на цигари и алкохол во текот на бременоста претставува неодговорно однесување кон сопственото здравје, а посебно кон здравјето на бебето. Ова може да доведе до сериозни здравствени проблеми, така што не постои изговор со кој таквото однесување може да се оправда. На листата работи кои треба да се исфрлат од употреба се индустриските слатки со висока содржина на шеќер, газирани напитоци, индустриски грицки, пржена и масна храна, силни зачини, напитоци со висока содржина на кофеин. Јајцата мора да бидат добро термички обработени за да се избегне инфекција со салмонела. Дополнително внимание е потребно при миење на свежото овошје и зеленчук за да се избегне можност од појава на стомачна инфекција.

 

Лесно и свежо

Исхраната на трудницата мора да биде конципирана така што и на неа и на бебето да им  ги обезбеди сите потребни хранливи состојки. Тоа значи дека секојдневното мени мора да содржи белковини, јаглехидрати и масти, со соодветен внес на витамини и минерали. Како извор на протеини се препорачуваат говедско месо (тоа обезбедува и внес на железо), месо од живина и риба. Производите од интегрални житни растенија обезбедуваат внес на растителни влакна, овесот има посебно позитивно дејство на регулацијата на варењето. Сезонските салати треба да се јадат зачинети со маслиново масло или масло од семки од тиква.

Во текот на првото тромесечје некои трудници патат од чести мачнини, затоа е важно во тој период да се избегнува храна за која ќе се утврди дека го влошува овој проблем. Подобро е да се јадат повеќе помали оброци во текот на денот и така да се намали оптоварувањето на желудникот. Природната лимонада е идеална за освежување во текот на целата бременост, дополнителна предност е и внесот на витамин Ц. Овошните ужини ја заменуваат желбата за слатки.

 

 

Витамини и минерали

Лекарите често препорачуваат додатоци на исхраната со фолна киселина, а на својот организам трудницата ќе му помогне со консумирање зелен лиснат зеленчук, цвекло и диња. Покрај овие намирници фолна киселина има и во авокадото, портокалот и црниот  грав. Витаминот Д се наоѓа во млечните производи, јајцата и копривите. Подобра функција на мускулниот ѕид на матката обезбедува магнезиумот кој го има во семките од тиква и сончоглед, зелената салата и јаткастите плодови. Калциум има во смоквите, бадемите, кељот, брокулата и зелјето. Хранете се што поразновидно, тоа ќе му овозможи на вашиот организам од внесените намирници да го издвои она што е најбитно за вас и за вашето бебе.

 

За повеќе совети обратете се во аптеките на ДНА АННИ ФАРМ-BETTY АПТЕКА.

Despina Zupan