fbpx

МАНИ ВО ВИДОТ

очи-детско-здравје

МАНИ ВО ВИДОТ

Корекција е можна

Секојдневно сме сведоци како различно реагираме на она што го гледаме  смеење до солзи и очите се огледало на душата се изрази кои зборуваат колку нашите очи се важни во поимањето на светот и реагирањето на појавите околу нас.

Автор д-р Радмила Косиќ

педијатар

 

Нашето око има структура на фотоапарат. Паралелните зраци на светлото се прекршуваат во една точка од внатрешната страна на окото. Физичкиот феномен на прекршување и создавање превртена слика преку оптичкиот нерв се пренесува до централниот нервен систем, добиената слика се исправува, а информацијата за тоа што гледаме се толкува во согласност со возраста, знаењето и искуството. Предната површина на окото е проѕирна, закривена како леќа. Во горниот надворешен агол на капакот се наоѓаат солзни жлезди, тие произведуваат солзи и непрекинато го испираат предниот сегмент на окото па се одлеваат во носот преку тесен канал во внатрешниот агол на долните капаци. Сè што очите гледаат се анализира во мозокот, така што она што го гледаме се памти и емоционално се обработува.

 

Видот кај доенчето

Доенчето прво го препознава светлото и движењето, го следи со поглед вашето лице или предметот кој му се движи на оддалеченост од околу 25 см. На силно светло ќе реагира со собирање на зениците и трепкање, на недостигот од светло со ширење на зениците во обид да фати некој зрак. Далечината на јасен вид одговара на оддалеченоста од вашето лице додека го држите во прегратки. Од вашето лице секогаш ќе му бидат најважни токму вашите очи, па со навршен втор месец од животот можете да ја очекувате неговата прва социјална реакција – ќе ви се насмее и многу брзо ќе научи дека тоа е нешто што го прави на заемно задоволство.

На секој систематски преглед педијатарот внимателно ќе ја набљудува големината, обликот, симетријата, движењата на очите, ќе тестира дали доенчето ги следи со поглед предметите и дали со двете очи правилно реагира на светлина. Правилноста во работата на двете очи е посреден знак за правилна работа на останатите мозочни структури. Кај доенчето често се забележува минливо лутање на едното или на двете очи. Таа појава во најголем број случаи е безопасна и поминува без терапија во текот на првите шест месеци. Често родителите се загрижени дали детето е шашливо. Ако детето го набљудуваат од голема близина, може да им се причини дека едното око подлабоко навлегува кон носот. Иако се работи за подебел капак, т.н. трет капак, сепак, советувајте се со лекар.

 

Редовни прегледи – рана дијагностика

Целните офталмолошки прегледи се прават кај предвреме родени деца веќе во породилиштата со редови контроли во текот на раното детство. Доколку родителите имаат мани во видот со висока диоптрија или страбизам, детето треба да се упати на преглед во втората година. Целосна соработка во текот на офталмолошкиот преглед се очекува од четиригодишно дете. Постарите деца со лош вид се жалат на главоболка, заморување во училиште, се приближуваат пред телевизор или книга. Прегледот на видот е задолжителен при преглед за упис во основно училиште, за добивање лекарско уверение за упис во средно училиште или на факултет. За работа со деца на офталмологот му е потребно многу знаење и трпение. Тој преку тестови приспособени на возраста прави груби, а потоа и суптилни проценки на јасниот поглед на светот.

 

Пореметувања во видот, настанување и коригирање

Повеќето пореметувања во видот се последица на неправилности во градбата или големината на одделни делови на окото. Затоа денес зборуваме за мани (не за болести) на видот, кои успешно се коригираат со очила или леќи. Доколку предниот дел на окото е недоволно закривен, а очното јаболко пократко или подолго, светлосниот зрак нема да се прекршува на идеално место. Создадената слика не е јасна, а детето со мижуркање, напрегнување или приближување на предметот ќе се труди да ја поправи. Далекувидоста, кратковидоста или астигматизам се одамна познати мани, а индустријата за стакла за очила и разни видови леќи пружа драгоцена помош во постигнување јасен вид. Маните на видот не го попречуваат само гледањето на далечина или читањето, јасниот вид ни е неопходен за добро снаоѓање во просторот, препознавање на опасности од околината, емоционален одговор на предмети и лица кои ги гледаме. Офталмологот треба задолжително да го прегледа детето кое често се повредува или има потешкотии во следење на наставата или играта.

За добар вид ни е потребна добра генетика, рано препознавање и лекување на лошиот вид. Со оглед на тоа дека постои директна врска помеѓу носот и окото, кај децата инфекциите од горните дишни патишта често ќе се пренесуваат. Речиси секоја кивавица ќе биде проследена со солзење на окото или појава на густ, леплив секрет. За послаби инфекции е доволно испирање со физиолошки раствор, за потешки ќе бидат потребни антибиотски капки или маст.

 

РЕАГИРАЈТЕ НА ВРЕМЕ

Денес се советува задолжително носење очила за сонце и во детска возраст. На детето кое оди на училиште обезбедете му правилно осветлување за учење, ограничете го престојот пред екран. Контролирајте го носењето очила по совет од офталмолог. Редовните контроли кај детето кое има некоја мана на видот се подразбираат. Не ја одложувајте посетата на офталмолог доколку забележите каква било промена на очите, бидејќи правилниот вид е од големо значење за правилниот развој, а раната корекција или лекување гарантираат јасен вид низ целиот живот.

 

За повеќе совети обратете се во аптеките на ДНА АННИ ФАРМ-BETTY АПТЕКА.

Despina Zupan