fbpx

СО ЖИВОТЕН СТИЛ ДО ЗДРАВО СРЦЕ

zdravo-srce

СО ЖИВОТЕН СТИЛ ДО ЗДРАВО СРЦЕ

д-р Јелена Стефановиќ
спец. по општа пракса

 

Старата мудрост вели „дека е подобро да се спречи, отколку да се лекува“. Многу болести може да се избегнат, а здравото срце да се одржи со превенција, односно со здрав животен стил кој не само што не го загрозува здравјето, туку и го унапредува.

 

Современиот живот не ни остава многу време да се занимаваме со себе и со своето здравје. Луѓето одат на лекар дури кога имаат некој здравствен проблем, и тоа е обично моментот кога веќе е потребно лекување. За жал, сè повеќе млади луѓе заболуваат од кардиоваскуларни болести. Наследниот фактор, полот и возраста не можете да ги промените, но затоа можете да влијаете на другите ризик-фактори, и со промена на начинот на живот и животните навики да превенирате појава на кардиоваскуларни болести.

 

МЕРЕЊЕ НА КРВНИОТ ПРИТИСОК:

Покачениот крвен притисок е најчест ризик-фактор за појава на кардиоваскуларни болести. Кога е повисок од 140/90 две до четири недели, се смета за артериска хипертензија. Високоризични се лицата со  прекумерна тежина, оние кои пушат или боледуваат од дијабетес, имаат целна вредност на крвниот притисок 130/80 и треба почесто да го контролираат. Во зависност од вредноста на крвниот притисок, неопходно е да се преземат превентивни мерки, па на пациентите им се советува да ги променат животните навики, а покрај тоа може да им се препише и терапија со антихипертензивни лекови. Се препорачува и намалување на телесната тежина, правилна исхрана, престанување со пушење, ограничен внес на сол и алкохол и физичка активност.

 

ПУШЕЊЕ: 

Пушењето е значаен ризик-фактор за исхемична болест на срцето и заболувања на крвните садови. Со престанување со пушење се намалува ризикот од кардиоваскуларни болести за околу 50 насто во текот на првата година. Пасивното пушење, исто така, е многу штетно, па престанувањето со пушење се препорачува за да се заштитиме како себеси и така и членовите на семејството и целото опкружување.

 

КОНТРОЛА НА ЛИПИДНИОТ СТАТУС: 

Липидите и липопротеините влијаат на појава на кардиоваскуларни болести. Високоризичните пациенти треба да го контролираат липидниот статус еднаш годишно. Покачен вкупен холестерол, намален HDL, покачен LDL и покачени вредности на триглицеридите се многу штетни и опасни за нашето срце и крвните садови.

Се советува медитерански тип на исхрана без заситени масни киселини, транс-масти, режим на исхрана богат со зелен зеленчук и риба, како и физичка активност. За подигање на вредноста на добриот холестерол  HDL, важен е внесот на омега 3 киселини, па се препорачуваат скуша, туна, лосос и јаткасти плодови, една шака на ден, никако повеќе. Доколку вредностите на холестеролот и триглицеридите се високи и комбинирани со наследен фактор и други фактори (дебелина, недвижење и сл.), често покрај диететскиот режим на исхрана и физичка активност неопходно е да се вклучи и медикаментозна терапија со редовна контрола на трансаминазите. На пациентите кои одбиваат лекови од страв дека ќе го оштетат црниот дроб треба да им се објасни дека овие лекови освен намалување на вредностите на липидите имаат и повеќекратна улога во заштита на крвните садови, па се препорачуваат и превентивно кај луѓе со позитивна семејна анамнеза, со дијабетес, како и кај дебели лица.

 

СКРИНИНГ НА ШЕЌЕРНА БОЛЕСТ: 

Diabetes Mellitus е значаен ризик-фактор за исхемчна болест на срцето. Луѓето со дијабетес имаат зголемен ризик за појава на акутен инфаркт на миокардот. Скрининг на шеќерна болест се прави на три години кај постари од 45 години, а кај високоризичните пациенти и почесто. Неопходно е да се лекува и состојбата пред дијабетес со гранични вредности на гликемија. Освен диети и физичка активност се препишува и медикаментозна терапија. Се советува редовна контрола на гликемијата, како и преглед кај офталмолог и интернист, а ако е индицирано и преглед кај невролог.

 

ОСЛОБОДЕТЕ СЕ ОД ДЕБЕЛИНАТА:

Дебелината може да биде предизвикана од генетиката, прекумерен внес на калории и намалено нивно трошење. Интраабдоминалното масно ткиво претставува најголем ризик за појава на КВБ. Се советува мерење на обемот на половината, контрола на лабораториските параметри и ЕКГ. Правилниот начин на исхрана и физичката активност значајно придонесуваат за намалување на обемот на половината, но и ризик од болести на срцето.

 

ЗДРАВА ИСХРАНА: 

Правилната и здрава исхрана го чува нашето срце и спречува појава на дебелина, дијабетес и кардиоваскуларни болести. Се препорачува исхрана богата со зеленчук, немасно месо и риба. Здраво е да се користи нерафинирано маслиново масло и интегрални житни растенија, да се ограничи внесот на сол и заситени масти. Избегнувајте пржење и похување како начин на подготовка на храната. Наместо солени и масни грицки посегнете по свеж зеленчук и овошје. Хидрирајте го организмот со доволна количина вода во текот на денот.

 

ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ:

Важноста на физичката активност е огромна. Таа ја намалува вредноста на липидите во крвта, позитивно влијае на намалување на дебелината, ја стимулира циркулацијата, ја гради мускулната маса, го јакне имунитетот, превенира остеопороза и стрес. Во зависност од начинот на живот и вашата физичка подготвеност, одлучете се за 30 минути секојдневна умерена физичка активност или за активно занимавање со спорт.

 

ИЗБЕГНУВАЊЕ НА СТРЕСОТ: 

Стресот значајно го пореметува нашето здравје, лошо влијае на психата, срцето, крвните садови. Посредно, поради менталниот стрес, луѓето јадат повеќе нездрава храна и внесуваат повеќе никотин и алкохол, не се способни за каква било физичка активност. Научете да го избегнувате стресот и да се релаксирате. Пронајдете време за себе и опуштете се во природа, поминувајте повеќе време во кругот на семејството и пријателите и со тоа ќе обезбедите повеќе причини за смеење.

 

Систематски прегледи


Избраните лекари ги повикуваат пациентите на систематски преглед и тоа помладите од 35 години еднаш во пет години, а постарите од 35 години еднаш во две години. Скринингот на кардиоваскуларни болести се прави на три години кај мажи постари од 35 години и кај жени постари од 45 години. Доколку некој во семејството страда од кардиоваскуларни, цереброваскуларни болести или дијабетес, доколку имате вишок килограми и пушите, наведените прегледи треба да се прават и почесто. По извршениот физикален преглед и согледување на лабораториските резултати, ризик-факторите и генетиката, избраниот лекар во зависност од вашата здравствена состојба ќе препорача мерки на превенција, воведување медикаментозна терапија или понатамошна дијагностика и специјалистички прегледи. Одговорете на повикот на вашиот избран лекар на систематски и други превентивни прегледи, бидејќи превенцијата е половина здравје.

 

За повеќе совети обратете се во аптеките на ДНА АННИ ФАРМ-BETTY АПТЕКА.

Despina Zupan
No Comments

Sorry, the comment form is closed at this time.