fbpx

УРИНАРНИ ИНФЕКЦИИ

уринарни-инфекции

УРИНАРНИ ИНФЕКЦИИ

Непријатни, но излечиви

Над 50 % од жените во текот на животот ќе имаат барем една епизода на UTI, додека 20-30 % ќе имаат рекурентни UTI

 

АВТОР д-р Бојана Мирковиќ
уролог

 

Инфекциите на уринарниот тракт (UTI) може да го зафатат горниот уринарен тракт – бубрезите и мочната цевка или долниот уринарен тракт – мочниот меур, мочната цевка и кај мажите простатата и тестисите. Најчесто се јавуваат како циститиси (воспаленија на мочниот меур) и уретритиси (воспаленија на мочниот канал), а поретко како пиелонефритиси (воспаление на бубрезите).

Најголем број инфекции е предизвикан од бактеријата Escherichia coli, која инаку е жител на цревниот систем. И други бактерии може да предизвикаат воспаление на уринарниот тракт: Enterococcus faecalis, Klebisella pneumoniae, Pseudomonas aeruginosa, Proteus mirabilis, групи на стрептококи и стафилококи. Кај двата пола воспалението на мочниот канал може да го предизвикаат и сексуално преносливи бактерии: Chlamidia trachomatis, Ureaplasma urealiticum, Mycoplasma hominis, како и протозоата Trichomonas vaginalis.

 

Зголемен ризик за настанок на UTI

Во зголемен ризик за добивање на UTI се: дијабетичарите, неподвижните пациенти, пациенти со отежнато празнење на мочниот меур (зголемена простата, ослабен детрусор – мускул на мочниот меур, стеснет мочен канал), вродени аномалии на урогениталниот тракт, неодамнешна уринарна инструментализација или хирургија, присуство на постојан катетер, калкулоза на урогениталниот тракт, имунокомпромитирани пациенти, лоша лична хигиена, злоупотреба на антибиотици која ја нарушува природната флора, промискуитет.
Ризик-факторите кои се специфични за жените се поврзани со самата анатомија, што подразбира краток мочен канал, како и близина на вагината и аналниот отвор. Сексуално активните жени имаат почести инфекции во однос на неактивните. Одредени типови на контрацепција, исто така, може да го зголемат ризикот за настанок на инфекција. Жените во менопауза се поподложни на инфекција. Ризик-фактори се и: спуштање на мочниот меур и матката со текот на годините при слабеење на мускулите на карличното дно, после бремености, породувања, поради дебелина. Поради хормонални промени кои се случуваат во организмот во текот на бременоста, инфекцијата брзо и полесно се шири, па таквото воспаление задолжително се лекува со антибиотици.
Кај мажите UTI се поретки. Во помлада возраст главно се предизвикани од сексуално преносливи бактерии, а во подоцнежните години се поврзани со неадекватно празнење на мочниот меур. Во најголем број случаи ја зафаќаат и простатата и тогаш е потребно лекувањето со антибиотици да трае подолго.

 

Симптоми на уринарна инфекција

Најчести симптоми се: зачестено и болно мокрење, заматена урина, чувство на печење во мочниот канал, урина со непријатен мирис, крв во урина, притисок и напнатост во пределот на мочниот меур или во долниот дел на стомакот. Доколку инфекцијата се прошири на бубрезите и не се започне со лекување на време, може да се јави и болка во слабинскиот дел од грбот, покачена температура, мачнина, изнемоштеност, повраќање, треска. Појавата на крв во урина, особено без болки, може да укаже на некои други болести на урогениталниот тракт, па пациентот задолжително се упатува на уролог за дополнителна дијагностика.

 

Дијагноза

Дијагнозата се поставува со едноставен преглед на урината во лабораторија. При сомнеж на инфекција не мора да се земе првата утринска урина. По миење на гениталниот предел во стерилно шише се дава примерок на среден млаз урина и се доставува до лабораторија. Доколку е потребен подолг транспорт, неопходно е чување во фрижидер. Доколку добиете симптоми кои потсетуваат на уринарна инфекција во текот на ноќ, како што се болка при мокрење или ненадеен, јак и зачестен нагон за мокрење, немојте самостојно да земате антибиотик.

 

Тераписки методи

Лекувањето зависи од видот на предизвикувачот, јачината на симптомите и сериозноста на инфекцијата, а најчесто трае 3-10 дена. Лекот се избира според чувствителност на бактеријата, а врз основа на антибиограм. Пациентките во менопауза на кои во уринокултурата ќе им се открие присуство на бактерија, а немаат никакви тегоби, најверојатно нема да бидат лекувани со антибиотици. Кај пациенти кои по лекувањето ќе добијат повторно инфекција се препорачува ултразвучен преглед на урогениталниот тракт, како составен дел од прегледот, а на одредена група ѝ се потребни и дополнителни испитувања – уретроцистоскопија, CT урографија.
Можните компликации од неправилно лекување или нелекување може да бидат: рекурентни инфекции (повеќе од 2 инфекции за 6 месеци или повеќе од 3 за 12 месеци), оштетувања на бубрежната функција, стеснувања на мочниот канал кај мажите, зголемен ризик кај бремени за предвремено породување, сепса.
Honey-moon cystitis или циститис на медениот месец претставува воспаление на мочниот меур непосредно по сексуална активност, по подолг период на апстиненција или поради поголем број сексуални односи во краток интервал. Кај жените со рекурентни инфекции во вид на Honey-moon cystitis урологот ќе препорача долготрајна или посткоитална антибиотска профилакса.
Доколку симптомите на уринарна инфекција се изразени и евентуално потврдени во лабораторија, кога ќе добиете антибиотик од лекар, пред сè, почитувајте го препишаниот протокол за дозирање на лекот и времето на земање. Пожелно е намалување на физичката активност и зголемен внес на вода. Во текот на користење на кој било антибиотик треба да се избегнува изложување на сончеви зраци и солариум, земање алкохол, газирани пијалаци, како и јака, лута и зачинета храна. Пробиотик да се зема раздвоено од антибиотик минимум 3 часа. Сексуалните односи не се препорачливи додека трае инфекцијата, како и интензивно тренирање и заморување.

 

Совети за превенција

Се препорачува земање поголема количина течности (обична негазирана вода и незасладен чај за да се исчистат мочните канали и да се измијат од зголемеиот број бактерии), редовно одржување на личната хигиена, правилно бришење после одење во тоалет, празнење на мочниот меур без многу одложување кога е полн, носење долна облека од природни материјали, регулација на работата на цревата, регулација на гликемијата. Кај жените во менопауза препорачливо е користење естрогенски креми според совет на гинеколог или уролог. Да се избегнува користење силно парфимирани гелови за туширање, спермициди, како и лубриканти кои не се на база на вода. Изберете туширање наместо лежење во када. Препорака за користење кондоми постои. Доколку оние направени од латекс предизвикуваат иритација на слузницата, користете полиуретански или полиизопрени.

За повеќе совети обратете се во аптеките на ДНА АННИ ФАРМ-BETTY АПТЕКА.

Despina Zupan