fbpx

ВНИМАТЕЛНО ИЗЛЕГУВАЈТЕ НА СОНЦЕ

ВНИМАТЕЛНО ИЗЛЕГУВАЈТЕ НА СОНЦЕ

Душан Гољиќ
м-р по фармација

 

При подолго изложување на сонце е битно да се користат дерматокозметички препарати за нега и заштита на кожата, со соодветни SPF вредности и УВА-заштитна компонента

 

Ултавиолетовото зрачење (УВ) е дел од спектарот на сончевото зрачење. УВ-брановите се состојат од УВА, УВБ и УВЦ-зраци. Меѓутоа, целокупниот спектар на УВ-зрачење не допира до површината на Земјата. УВЦ-зраците, како енергетски најбогати и најштетни по живот на планетава, ги апсорбира озонската обвивка на атмосферата. Со тоа, кога сме изложени на летно сонце, на нас дејствуваат УВА и УВБ-брановите. УВБ-зраците се со пониска енергија и речиси во целост ги впива површинскиот слој на кожата. УВА-зрачењето, од друга страна, е далеко поштетно и може да продре во подлабоките слоеви на кожата и да предизвика мутација и неповолна трансформација на клетките. Сончевата светлина содржи околу дваесет пати повеќе УВА отколку УВБ-зраци. На пример, стаклото од прозорец не ги пропушта УВБ-брановите, но УВА лесно минуваат низ него. Значи, стакленото засолниште нема да ве заштити од несаканите дејства на сонцето.

 

Сончевото зрачење има поволен ефект на синтезата на витамин Д. Под дејство на енергијата на сончевите бранови и со присуство на соодветни пигменти во кожата, доаѓа до хемиска конверзија на провитаминот во активен облик на витамин Д3. Преку овој витамин сонцето поволно влијае на многу метаболни процеси во организмот. Може да се каже дека изложувањето на сонце од 15 до 25 минути, всушност, е доза на превенција на рахитис и остеопороза. Меѓутоа, во летните периоди не се препорачува изложување на УВ-зраци во периодот од 10 до 16 часот, бидејќи тогаш штетното дејство на сонцето на кожата е најизразено. Негативните ефекти, кои настануваат како резултат на често и неконтролирано изложување на сонце, може да предизвикаат акутни и хронични промени на кожата.

 

Акутни промени се црвенило, плускавци и болка, потоа алергиски реакции кои обично се проследени со црвени печати, чувство на иритација и јадеж. Длабинско оштетување на клетките на кожата може да резултира со пад на имунитетот на кожата, што обично е проследено со габични или вирусни инфекции, како што се питријаза или херпес симплекс.

 

Хроничните промени настануваат со акумулирање на несакани ефекти со текот на времето, кои го менуваат метаболизмот на кожата. Тоа обично се сува, задебелена и набрана кожа, потоа појава на кератоза (понекогаш лушпести творби на кожата), или телеангиектазија (проширени капилари на лицето или нозете кои јасно се гледаат низ кожата). Најсериозно заболување на кожата кое настанува како резултат на хронични промени, секако, е појавата на малигни карциноми на кожата.

 

Треба да се избегнува изложување на сонце во часовите кога неговите зраци се најјаки. Доколку, сепак, излегуваме на сонце, битно е да користиме соодветни дерматокозметички препарати за нега и заштита. При умерено изложување на сонце, се препорачува секојдневна употреба на креми или млеко за нега на кожа. Тие се обично на база на хранливи и заштитни масла, како што се авокадово, кокосово, бадемово, маслиново и масло од јојоба. Доколку, сепак, се излегува на сонце во подолг период и на него се изложува поголема површина на кожа, се препорачува задолжителна примена на препарати за заштита од сонце. Кога станува збор за нивниот избор, битно е да се изберат производи со соодветни SPF вредности (заштита од УВБ-бранови), а покрај тоа, истиот препарат треба да содржи и УВА заштитна компонента, за да бидеме целосно заштитени.

 

За повеќе совети обратете се во аптеките на ДНА АННИ ФАРМ-BETTY АПТЕКА.

Despina Zupan